Луксембуршката литература ја открива историјата, културата и јaзикот на еден народ што е далечен за нас, независно што не одвојуваат неколку часови удобен авионски лет. Но, присуство на етаблираниот автор Жан Бак на Саемот на книгата во Скопје како да ни отвори нови хоризонти. Со добитникот на Европската награда за литература во 2010 година за романот „Аматер“ разговараме на неговите теми, книги, преводи, фотографија.
Господине Бак, ваш фокус се литературата, но и фотографијата. Дали постои некаква разлика помеѓу вашите пристапи кон нив, бидејќи во вашиот роман „Аматер“ очигледни се рефлексии на филмската уметност?
Жан Бак: Уште од почетокот на моето детство непрекинато ме интересираше фотографијата и тоа му должам на татко ми, но и на општествените околности во кои пораснав. Челичната индустријата во Луксембург го обележа идентитетот на целиот регион, бидејќи се мешаше во секојдневниот живот на луѓето. Челичната индустријата во Луксембург уште од почетокот ги користеше филмот и фотографијата за промотивно-комерцијални цели, а првиот индустриски филм во државата произлегува од неа. А што се однесува до мене, јас како дете ја добив желбата, гледајќи го татко ми како развива фотографии во кујната и таа никогаш не ме напушти. А истото важи и за филмот. Додека растев чувствував голема страст за филмовите од новата авангарда, од Фландрија, од Италија, особено од италијанската кинематографија, посебно од Серџо Леоне, пропушив поради Серџо Леоне… Така што бев многу близок до овој медиум и кога го создадов „Националниот визуелен центар“, носев одреден багаж.
„Аматер“ е роман што нас нè запознава со Луксембург и општествено-политичките состојби, односно студентските протести. Ваша автобиографска приказна, што го изразува вашиот левичарски став, пресликан во ликот на Роза?
Жан Бак: Целата книга е автобиографска. Мојата девојка Роза ја замислив небаре постои. Она што е чисто автобиографско, се разбира, се штрајкот, демонстрациите, дејствата против оние… што ги имавме во средните училишта… Јас бев дел од тоа, но никогаш не бев во првите редови. Секогаш бев во третиот ред. Но, бев поддржувач на ова движење. Чувствував дека е многу важно да се реагира на движењето и да се има весник на слободата. Замислете, живеете во Луксембург и црквите, властите и институциите издаваат весници и ви кажуваат што да правите, како да се смеете, како да мечтаете, како да трчате, како да спиете и како да живеете, така што наеднаш ние добивме списание направено од студенти, исклучително од студенти, што беше сосем неверојатно, пишувавме што сакаме и така верувавме и така пишувавме за она што беше погрешно во овој весник, во ова списание.
Ја добивте Европската награда за литература во 2010 година за вашиот роман „Аматер“. Што е придобивката од овие награди?
Жан Бак: Оваа награда е навистина од голема корист. Книгата досега е преведена на шест јазици. Издадена е во шест држави, така што тоа е апсолутно неверојатно. Имавме можност да ја издадеме и во САД, исто така. Наградата беше значајна на три нивоа. Мене ми беше многу важна зашто никогаш досега немам освоено награда, бев апсолутно пресреќен, и долго време, со недели, не се симнав од облаците, така што тоа беше страшна мотивација за мене, страшна, силна мотивација да продолжам да пишувам. Второто ниво беше промоцијата во Луксембург, но најважното е создавањето на мрежата за превод и пласман на книгата.
Чувствувате ли недостаток ако пишувате на германски и луксембуршки јазик?
Жан Бак: Направив личен избор да пишувам на луксембуршки и да пишувам на германски јазик. Сакам целосно да го доловам јазикот, сакам да работам со јазикот, сакам сè од тоа што го дава тој, а луксембуршкиот е мал јазик, загрозен јазик, но исто така и многу деликатен јазик и можете чудесно да си играте со него и можете да замислувате, можете да создавате, можете да замислете сè што сакате и тоа за мене е голем предизвик. Од друга страна, издадов три романи на луксембуршки јазик и престанав. И почнав да пишувам на германски јазик. Конкуренцијата е најважната награда на светот кога пишувате на германски јазик и тоа ми е дополнителна мотивација да го туркам јазикот понатаму, да создавам со него и да го користам како израз колку што можам посилно.
Ја видовте книгата преведена на шест јазици. Имате ли некои посебни барања во врска со преведувачите? Им давате ли насоки? (н.з., преводот од германски на македонски јазик го направи Ксенија Чочкова)
Жан Бак: Преведувањето е она што не можам да го контролирам, не можам да го следам кога се преведува на унгарски, чешки, македонски или српски. Не ги разбирам овие јазици. Но, кога го дадов на еден луксембуршки преведувач, посветив внимание да го преведе на германски јазик, да ми направи превод на германски јазик за мене. Ѝ обрнав внимание дека преводот на овој роман на германски јазик не е баш ист со оригиналот на луксембуршки, но многу е близок. Но, не можете да преведувате од луксембуршки јазик збор по збор… Морате да одите многу блиску до оригиналниот контекст и морате да читате малку поинаку. И тогаш обрнав внимание дека сите преведувачи, додека контактирав со нивните издавачи, дека преведувачот треба да ми напише е-порака и дека треба да воспоставам добар контакт со него.
Но, сите други ваши книги се напишани на луксембуршки дијалект, а оригиналната приказна на Аматер е напишана на германски јазик пред повеќе од 30 години.
Жан Бак: Да, оригиналната приказна беше напишана на германски јазик. Беше напишана кога јас бев средношколец, имав еден германски наставник кој ни кажа да ја напишеме. Така што, сакав… Мене ми беше сосем нормално, мошне нормално, да се држам до германскиот јазик во оваа приказна. Друга приказна, што ќе излезе сега во септември, е за австрискиот поет Георг Тракл и овој поет исто е од германското говорно поднебје, така што мојот роман за Тракл е напишан на германски јазик, исто така. Па, следната книга што ќе излезе ќе биде на германски јазик.
Што ново се создава, кои емоции и размисли ќе бидат следно ставени на хартија?
Жан Бак: Имам една книга посветена на австрискиот поет Тракл, кој е од Салцбург. Всушност, во 1978 година имавме направено филм за него, во 2015 година го посетивме семејството во Салцбург и добив инспирација да направам книга за него. Идејата ми беше да видам како неговата поезија функционира во денешното современие. Промоцијата на оваа книга ќе биде во Салцбург на 30 октомври. Работам и на книга на кратки и долги приказни на германски, што се веќе во фаза на уредување. Имам и книга со 28 приказни на луксембуршки, два романа – едниот за италијански мигранти (како и моето потекло), кои доаѓаат во Луксембург откако ги изгубиле родителите во земјотрес во осумдесеттите години од минатиот век, и другиот за германски учител кој доаѓа да живее и да работи во Луксембург и како гледа на Луксембург низ очите на еден странец.