Category Archives: Автори

Ада Дјоруп

Авторката на делото Најмал отпор, Ада Дјоруп (Adda Djørup), го имаше своето деби како авторка во 2005 година со збирката поезија под наслов Monsieurs monologer. Нејзините приказни орбитираат околу егзистенцијалните теми со доза на хумор, што потполно одговара на стилот на нејзината проза и на впечатливиот филозофски осврт. Како потврда за нејзината литературна широчина, таа во 2011 година ја напиша драмата Korus’ Kabaret, а во 2015 година ја издаде збирката поезија Poesi og andre former for trods.

Ада Дјоруп живеела во Мадрид и во Фиренца, но сега повторно живее во Копенхаген, каде што има дипломирано компаративна книжевност на Универзитетот во Копенхаген. Покрај наградата од Данскиот совет за уметност во 2007 година, таа во 2010 година ја доби и Европската награда за литература за романот Најмал отпор.

Жан Бак

Жан Бак (Jean Back), авторот на делото Аматер е роден во 1953 година во Дуделанж, индустриски град во Луксембург, блиску до француската граница. Откако завршил основно образование во Еш-Алзет, станал јавен службеник, првин во Министерството за труд, а потоа во Министерството за култура. Од 1989 година, тој е шеф на Centre National de l’Audiovisuel во Дуделанж. Во 1990 година приреди фотографска изложба, Lieux et Portraits du Bassin minier. Згора на неговата силна приврзаност кон визуелните уметности, во 2003 година Жан Бак се сврти кон книжевноста со Wollekestol, како почит кон својот роден град и челичната индустрија. Жан Бак пишува на луксембуршки и германски јазик.

Кевин Бери

Кевин Бери (Kevin Barry) е авторот на романот Градот Бохејн. Тој ja освои наградата за најдобар прв роман од Клубот на писатели, наградата Руни за ирска литература и наградата на Сандеј тајмс од И-еф-џи прајват банк за кратки раскази и беше номиниран за наградата за прв роман Коста. Неговите приказни се објавени во Њујоркер, Гранта Бук за ирските приказни и многу други списанија. Исто така, работи на драми и сценарија и живее во Каунти Слајго.

Петер Терин

Петер Терин (Peter Terrin), роден 1968 година, е фламански писател кој дебитирал со збирката раскази под наслов Код во 1998 година. По неговиот прв роман во 2001 година, Гребаница, се пробил со Бланко во 2003 година, за човек што ја губи својата сопруга поради киднапирање во автомобил. Потоа следува Прво жените и децата во 2004 година, каде што засекогаш се поставува во првите редови на фламанската литература. Во 2006 година ја објавува збирката раскази Јадачите на пчели.

Но, едно од неговите најзначајни дела е Чувар, номинирано за наградата за литература „Либрис“, со што го потврдува својот талент како стилист и творец. По оваа награда следуваат и Европската награда за литература за насловот Ирските времиња во 2010 година. И наградата АКО за литература за романот Пост Мортем во 2012 година. Следни негови дела се Монте Карло во 2014 година и Јука во 2016 година.

Кристијан Крусат

Кристијан Крусат Шрецмајер (Cristian Crusat Schretzmeijer), авторот на делото Кратка теорија за патувањето и пустината е роден во 1983 година во Шпанија, од татко Шпанец и мајка Холанѓанка. Магистрира книжевност на Универзитетот „Компултенсе“ во Мадрид и применета лингвистика на Меѓународниот универзитет „Менендез Пелајо“ во Сантандер и на Институтот „Сервантес“. Потоа, докторира компаративна книжевност на Универзитетот во Амстердам.

Крусат е автор на Статуи (Пре-Текстос, 2006), Спокојни во време на војна (Пре-Текстос, 2010) и Кратка теорија за патувањето и пустината (Пре-Текстос, 2011). Во 2010 година ја добива меѓународната награда за раскази „Мануел Љано“. Неговите есеи, преводи и книжевни студии се објавени во многубројни шпански и латиноамерикански списанија како „Ревиста де Оксиденте“, „Летра Интернасионал“, „Пунто де партида“ и „Ревиста Атлантика“. Приредувач е и преведувач на Копнежот за единственото. Теорија за белетристиката – збирка есеи од влијателниот францускиот симболист Марсел Швоб (Пахинас де Еспума, 2012).

Живеел во Франција, Мароко и Холандија, а моментно предава шпански јазик и книжевност во странство.