За квалитетно преведена книга потребна е работа во тим

Нa трибината „Предизвиците на преведување на европските јазици“, дел од проектот „Прошетка низ Европа“, што се одржа денеска во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“, учествуваа повеќе преведувачи, лектори, уредници и претставници од издавачките куќи.

На трибината беа отворени повеќе прашања што се однесуваат на процесот на работа и предизвиците со кои се соочуваат при адаптирањето на европските дела на македонски јазик.

„Во Македонија постои доминација на преведувачи од англиски јазик, а издавачите почесто се одлучуваат да изберат дело за кое можат со леснотија да најдат квалитетен преведувач, отколку да ризикуваат со целиот процес при преведување на делото“, вели Ана Чаловска – преведувач од англиски јазик и одговорна за авторски права во издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“.

На трибината се разговараше и за дилемите при користење на слични изрази или синоними, одговорноста на преведувачот при преводот на делото, како и соработката помеѓу авторот и преведувачот и помеѓу издавачот и преведувачот.

Во однос на квалитетниот превод, уредничката Билјана Црвенковска наспомена дека интервенцијата на уредникот во преводот може да направи голема разлика, особено во задржување на стилот и дискурсот, културолошкиот контекст и поетиката на авторот. „Уредникот е последниот бедем во преводот на одредено дело. Тој е врвот на пирамидата, ја носи сета одговорност до финалниот изглед на делото“, вели Билјана Црвенковска, уредник во издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“.

Општ заклучок беше дека за квалитетен превод од клучно значење е добро екипиран тим, составен од преведувач, уредник, лектор и стручни соработници, кои ќе бидат одговорни за работата на едно дело. Затоа, најдобрата практика е поставување микротимови од почетокот на процесот, во кои сите вклучени ќе бидат во постојана корелација и комуникација.

„Значајно е и да се има доволно време за целиот процес на работа на делото, затоа што кратките рокови се непријател број еден на добриот превод“, вели Лилјана Шијаковиќ преведувач од германски јазик.

Проектот „Прошетка низ Европа“ на издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“ опфати издавање на повеќе современи романи од европски автори, како дел од истоимената едиција, организирање конкурс за дизајн на корици, трибини, работилници и други активности.

Изданијата од едицијата „Прошетка низ Европа“ во книжарницата „Литература.мк“ во текот на денешниот ден ќе бидат со намалени цени.

Трибина: „Предизвиците на преведување на европските јазици“ – Најава

Утре (вторник, 18 јули), во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“, со почеток од 10.30 часот, ќе се одржи трибина на тема предизвиците во преведувањето на европските јазици. На трибината ќе учествуваат повеќе преведувачи од различни европски јазици, а модератор ќе биде Ана Зафирова.

Трибината е дел од проектот „Прошетка низ Европа“ на издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“. Како дел од овој проект, „Арс Ламина“ издаде повеќе современи романи од европски автори, како дел од истоимената едиција, а организираше и конкурс за дизајн на корици за овие дела.

 Во рамките на оваа едиција се и пет романи („Чувар“ – Петер Терин, „Кратка теорија за патувањето и пустината“ – Кристијан Крусат, „Градот Бохејн“ – Кевин Бери, „Аматер“ – Жан Бак и „Најмал отпор“ – Ада Дјоруп), добитници на Наградата за литература на Европската унија (European Union Prize for Literature), чиешто издавање беше потпомогнато од програмата „Креативна Европа“ на Европската унија.

Покрај преведувачите и лекторите, на трибината свое учество ќе земат и домашни издавачи, писатели и читатели. Тие ќе разговараат на повеќе прашања: превод од ретките јазици, надменоста на англискиот јазик како урнек при превод на „малите“ јазици, дилеми при користење на слични изрази или синоними, соработката помеѓу писателот и преведувачот и помеѓу издавачот и преведувачот, кое е „дозволеното“ ниво на редактура и јазична редакција на преводот итн.

Во текот на целиот ден, во „Јавна соба“ ќе биде поставена и изложбата на корици на романи од едицијата „Прошетка низ Европа“, дела на студентите кои учествуваа на конкурсот за дизајн, а најдобрите решенија беа наградени и објавени како корици на книгите од оваа едиција.

Изданијата од едицијата „Прошетка низ Европа“ во книжарницата „Литература.мк“ во текот на утрешниот ден ќе бидат со намалени цени.

Изложба на корици „Прошетка низ Европа“ во „Литература.мк“

Креативните решенија за корици на романи од едицијата „Прошетка низ Европа“, во издание на „Арс Либрис“, дел од Арс Ламина публикации оваа недела ќе бидат изложени во во книжарницата „Литература.мк“ на ул. Македонија.

Изложените корици се дела на студенти кои учествуваа на конкурсот за дизајн организиран од Арс Ламина публикации, а најдобрите решенија беа наградени и објавени како корици на книгите од едицијата „Прошетка низ Европа“.

Конкурсот беше отворен за студентите од сите факултети и од сите области, кои сакаа да се вклучат во изработка на креативни визуелни решенија во областа на издаваштвото. На него се пријавија 28 студенти, кои аплицираа со едно или со повеќе решенија за понудените романи, а пристигнаа 85 оригинални идејно-графички решенија за корици за петте романи од едицијата „Прошетка низ Европа“.

Наградени беа: Катерина Трајановска, Ангела Симоновска, Прокопие Ќаев и Александра Новеска. Нивните решенија се најдоа на кориците на пет книги од оваа едиција, составена од литературни дела од различни европски автори, добитници на Наградата за литература на Европската унија (European Union Prize for Literature). Издавањето на овие книги беше потпомогнато од програмата „Креативна Европа“ на Европската унија.

Интервју со Кристијан Крусат, автор на книгата „Кратка теорија за патувањето и пустината“

„Пустината е пејзаж кој ги отсликува нашите емоции и нашата состојба. Таа е метафора за нашето време.“

Погледнете го интервјуто со Кристијан Крусат (Шпанија), автор на книгата „Кратка теорија за патувањето и пустината“ и добитник на Наградата за литература на Европската Унија.

Интервју со Кевин Бери, автор на книгата „Градот Бохејн“

„Мислам дека сите романи за иднината, во некоја смисла, се проекција на сегашноста. Но, тоа може да биде и паралелен универзум на ирски град во средината на 2050-тите. Мал и луд ирски град, на западното крајбрежје на Ирска. Луѓето велат дека изгледа како многу незгодно, опасно и страшно место, но јас би сакал да отидам таму, во градот Бохејн. Мене ми се чини како многу забавно место.“

Погледнете го интервјуто со Кевин Бери (Ирска), автор на книгата „Градот Бохејн“ и добитник на Наградата за литература на Европската Унија.