Кристијан Крусат

Кристијан Крусат Шрецмајер (Cristian Crusat Schretzmeijer), авторот на делото Кратка теорија за патувањето и пустината е роден во 1983 година во Шпанија, од татко Шпанец и мајка Холанѓанка. Магистрира книжевност на Универзитетот „Компултенсе“ во Мадрид и применета лингвистика на Меѓународниот универзитет „Менендез Пелајо“ во Сантандер и на Институтот „Сервантес“. Потоа, докторира компаративна книжевност на Универзитетот во Амстердам.

Крусат е автор на Статуи (Пре-Текстос, 2006), Спокојни во време на војна (Пре-Текстос, 2010) и Кратка теорија за патувањето и пустината (Пре-Текстос, 2011). Во 2010 година ја добива меѓународната награда за раскази „Мануел Љано“. Неговите есеи, преводи и книжевни студии се објавени во многубројни шпански и латиноамерикански списанија како „Ревиста де Оксиденте“, „Летра Интернасионал“, „Пунто де партида“ и „Ревиста Атлантика“. Приредувач е и преведувач на Копнежот за единственото. Теорија за белетристиката – збирка есеи од влијателниот францускиот симболист Марсел Швоб (Пахинас де Еспума, 2012).

Живеел во Франција, Мароко и Холандија, а моментно предава шпански јазик и книжевност во странство.