Изложба на корици од „Арс Ламина“ изработени од студенти на летниот Саем на книгата во „Сити Мол“

„Прошетка низ Европа“ е насловот на изложбата на корици на книги од истоимената едиција, што е поставена од денеска во рамките на Летниот саем на книгата во „Сити мол“ во Скопје. Кориците се дела на студенти што лани учествуваа на конкурс во организација на издавачката куќа „Арс Ламина публикации“, а петте најдобри беа наградени и објавени во едицијата.

Издавачот „Арс Ламина публикации“ избра пет наградувани литературни дела со Наградата за литература на Европската унија (European Union Prize for Literature) од различни европски автори и ја создаде едицијата „Прошетка низ Европа“.

Конкурсот беше отворен за студентите од сите факултети и од сите области кои сакаат да се вклучат во изработка на креативни визуелни решенија во областа на издаваштвото. На него се пријавија 28 студенти кои аплицираа со едно или повеќе решенија за понудените романи, а пристигнаа 85 оригинални идејно-графички решенија за корици за петте романи од едицијата „Прошетка низ Европа“. Најдобри дизајни на корици направија: Катерина Трајановска, Ангела Симоновска, Прокопие Ќаев и Александра Новеска.

Делата од eдицијата „Прошетка низ Европа“ се всушност прошетка низ приказни, искуства и вредности на современиот европски граѓанин и има цел да го одведе читателот на книжевно патување низ различните културни предели на Европа. Издавањето на едицијата претставува дел од проектот „Креативна Европа“, поддржан од EACEA (Едукативна, аудиовизуелна и културна извршна агенција) при Европската комисија за литературни преводи на европски автори на македонски јазик. Како дел од мисијата на овој проект, „Арс Ламина публикации“ го објави „Конкурсот за дизајн на корица“ за изработка на креативни визуелни решенија во областа на издаваштвото.

Летниот саем на книга што го организира Македонската асоцијација на издавачи во „Сити мол“, од утре ќе патува во Прилеп, па во неколку града низ земјата.

Преземено од fakulteti.mk