Нa трибината „Предизвиците на преведување на европските јазици“, дел од проектот „Прошетка низ Европа“, што се одржа денеска во Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“, учествуваа повеќе преведувачи, лектори, уредници и претставници од издавачките куќи.
На трибината беа отворени повеќе прашања што се однесуваат на процесот на работа и предизвиците со кои се соочуваат при адаптирањето на европските дела на македонски јазик.
„Во Македонија постои доминација на преведувачи од англиски јазик, а издавачите почесто се одлучуваат да изберат дело за кое можат со леснотија да најдат квалитетен преведувач, отколку да ризикуваат со целиот процес при преведување на делото“, вели Ана Чаловска – преведувач од англиски јазик и одговорна за авторски права во издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“.
На трибината се разговараше и за дилемите при користење на слични изрази или синоними, одговорноста на преведувачот при преводот на делото, како и соработката помеѓу авторот и преведувачот и помеѓу издавачот и преведувачот.
Во однос на квалитетниот превод, уредничката Билјана Црвенковска наспомена дека интервенцијата на уредникот во преводот може да направи голема разлика, особено во задржување на стилот и дискурсот, културолошкиот контекст и поетиката на авторот. „Уредникот е последниот бедем во преводот на одредено дело. Тој е врвот на пирамидата, ја носи сета одговорност до финалниот изглед на делото“, вели Билјана Црвенковска, уредник во издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“.
Општ заклучок беше дека за квалитетен превод од клучно значење е добро екипиран тим, составен од преведувач, уредник, лектор и стручни соработници, кои ќе бидат одговорни за работата на едно дело. Затоа, најдобрата практика е поставување микротимови од почетокот на процесот, во кои сите вклучени ќе бидат во постојана корелација и комуникација.
„Значајно е и да се има доволно време за целиот процес на работа на делото, затоа што кратките рокови се непријател број еден на добриот превод“, вели Лилјана Шијаковиќ преведувач од германски јазик.
Проектот „Прошетка низ Европа“ на издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“ опфати издавање на повеќе современи романи од европски автори, како дел од истоимената едиција, организирање конкурс за дизајн на корици, трибини, работилници и други активности.
Изданијата од едицијата „Прошетка низ Европа“ во книжарницата „Литература.мк“ во текот на денешниот ден ќе бидат со намалени цени.