Category Archives: Книги

Најмал отпор

Романот Најмал отпор дава пронилив поглед врз една значајна година од животот на една млада жена. Ема решава да плови кон нови насоки во животот предавајќи се на неговите сили и текови.

Кога нејзината баба умира, таа како наследство ù остава прекрасна летна куќа. Ема одлучува да ја посети куќата заедно со урната во која се наоѓаат кремираните остатоци од нејзината баба. На патот кон летната кон летната куќа таа се запознава со богат пар, кој исто како неа, скита низ животот. Таа ги кани во летната куќа на баба ù. Набрзо потоа Ема дознава дека е бремена, но она што не го знае е дали таткото на детето е богаташот или нејзиниот сопруг, кој моментално е во Австралија.

Аматер

Краткиот роман на Жан Бак, Аматер, вдомува комплексен наратив. Дејството на романот 
е сместено во 2007 година, кога нараторот наидува на расказ што го напишал уште како осумнаесетгодишен студент во 1971 година. 
Се одлучува да ја препише првичната приказна, овој пат комбинирајќи ја со сеќавањето на една дамнешна љубов, Роза, млада девојка од Германија многу поискусна и сексуално посозреана од него.

Резултатот е сложена дискурсна мрежа, „полилог“, колаж во кој различните гласови не стекнуваат апсолутно, туку релативно значење, разоткривајќи ја смислата на делото превосходно во интертекстуалните празнини. Како и повеќето современи остварувања што ја избегнуваат линеарната нарација, и романот на Жан Бак
 е самосвесен, па неретко посегнува нанадвор,
 вон фабулата, кон размислите за сите можности
 и ризици што се исправаат пред авторот на
 едно книжевно дело.

Градот Бохејн

Четириесет години во иднината. Некогаш великиот град Бохејн на западното крајбрежје на Ирска е на колена, заразен од пороци и поделен по племенски линии. Има угледни делови од градот, ама всушност градот живее во гетата и сокачињата на Дименград, зградите на Северните Висини и морничавите мочуришта на Големата Ништотија.

Со години градот го држела ладната тупаница на Логан Хартнет, елегантниот кум на бандата Хартнет Дотераните. Но, во воздухот виси една опасност. Велат дека неговиот стар непријател се вратил во градот: неговите верни следбеници стануваат амбициозни, „госпожата“ бара од него да се откаже од сè и да води уреден живот. А тука е и мајка му…

Градот Бохејн од Кевин Бери е визионерски роман што ги спојува
влијанијата од филмот и илустрираниот роман, од тројански удари и калипсо-ритми, од келтските митови и легенди, од фадо и сагите, и од сите големи наследства на ирската книжевност. Дело на маѓепсувачка фантазија и амбициозна лингвистичка инвентивност, вкусот на славното и новото.

Чувар

Кафкијанска, и по замислата и по изведбата, Чувар на Петер Терин е дистописка алегорија за современите општества што трезно и внимателно го води читателот низ лавиринтите на раздразливоста
и неизвесноста кон освестување пред тешко пребродливата состојба на едновремено отсуство и потреба за сопствено преиспитување. Хари и Мишел имаат задача да чуваат станбен блок што се состои од четириесет луксузни апартмани. Сместени во големото подземно паркиралиште од каде што имаат непречен поглед кон влезот,
 со челична дисциплина и педантност тие ги спроведуваат рутинските инспекции. Но, Хари и Мишел не знаат ништо за карактерот на нивната мисија: целосно отсечени од надворешниот свет и без никаков контакт со помпезните, богати жители кои ги чуваат, тие не знаат ниту дали има (или барем имало) војна некаде надвор – онаму каде што улиците се злокобно и морничаво тивки. Па, дури и кога еден ден, сите станари – со исклучок на еден – го напуштаат блокот, заробени во своите улоги, Хари и Мишел продолжуваат да ги извршуваат старите должности.

Но, има ли смисла да продолжат да чуваат сега? И, ако пристигне нивната смена, како ќе се навикнат на еден свет потенцијално лишен од секојдневната здодевност и параноја на нивниот работен ангажман?

Кратка теорија за патувањето и пустината

Шесте приказни од Кратка теорија за патувањето и пустината од Кристијан Крусат го разгледуваат целосниот опсег на човековото искуство. Нè носат на патување околу светот, од сувите пејзажи на медитеранскиот брег, до делото на брилијантниот српски писател Милорад Павиќ.

Сите ликови ја исчекуваат, бараат или истражуваат можноста за откровение што никогаш не се појавува во нивното вкочането „тука и сега“. А сепак, парадоксално, изгледаат неспособни да преземат какво и да е ефикасно дејствување, со можниот исклучок на Лена, која пишува од лебдечкиот свет на соништата.

Според мистиците суфисти, душата е жедна за промена, а неподвижноста може да се почувствува како бавна смрт што може да доползи секаде: да се појави на патишта, на напуштени паркинзи или хотели преполни со туристи (пустината на модерниот свет). Сепак, дали по игра на судбината, или само како шанса (небитен инцидент, онесвестување на нудистичка плажа, авионска несреќа што никогаш и не се случила) можат додека да трепнеш да го откријат вистинското лице на отуѓеноста на ликот.

Благодарение на неверојатната разновидна проза, номадскиот стил, што се приспособува на различни духовни, физички или замислени места од секоја приказна и на кревката индивидуалност на нивните жители, Крусат ги води овие одвеани ликови низ амбисот на стравовите, сомневањето во себе и копнежите што го сочинуваат модерниот свет.