Издавачката куќа Арс Ламина Публикации, со својот импринт Арс Либрис внимателно избра пет вредни и наградувани литературни дела од различни европски автори за да ги доближи различните европски искуства кон македонскиот читател низ едицијата „Прошетка низ Европа“.
Европа не е само географски поим, таа е и еманација на сите искуства и приказни на нејзините граѓани. Едицијата „Прошетка низ Европа“ е всушност прошетка низ тие приказни, искуства и вредности. Таа ја сублимира анатомијата на желбата на современиот европски граѓанин. Сите пет дела говорат на јазикот на обичниот човек, чиј живот е сопоставен на динамичниот европски пејзаж, но чиј сон ја поседува онаа специфична особеност да ја трансформира и да ја менува реалноста наспроти сите предизвици на нашето време.
Делата од едицијата „Прошетка низ Европа“ нè водат внимателно низ животите на протагонистите, прикажувајќи ни го судирот на внатрешниот и надворешниот свет на модерниот европски човек. Личните искуства на карактерите од романите поставуваат неколку прашања за времето во кое што живееме: судирот помеѓу провинцијата и метрополата, борбата помеѓу традиционалните вредности и модерниот индивидуализам, духовноста наспроти материјализмот и кревкиот баланс помеѓу љубовта и омразата се само дел од темите на кои избраните автори и нивните дела се обидуваат да одговорат.
Сите избрани дела се наградени со Наградата за литература на Европската унија (European Union Prize for Literature).
Проектот е кофинансиран од Програмата на Европската унија Креативна Европа.![eu_flag_creative_europe_co_funded_vect_pos_[cmyk]_right](https://i0.wp.com/prosetkanizevropa.mk/wp-content/uploads/2016/02/eu_flag_creative_europe_co_funded_vect_pos_cmyk_right.png?resize=604%2C153)