Конкурс за дизајн на корици за романи од едицијата „Прошетка низ Европа“

Издавачката куќа „Арс Ламина публикации“ ги поканува креативните студенти да достават предлог-дизајн корици за 5 романи од едицијата „Прошетка низ Европа“.

Оваа едиција вклучува романи на современи европски автори и има цел да го одведе читателот на книжевно патешествие низ различните културни предели на Европа. Издавањето на едицијата претставува дел од проектот „Креативна Европа“, поддржан од EACEA (Едукативна, аудиовизуелна и културна извршна агенција) при Европската комисија за литературни преводи на европски автори на македонски јазик. Како дел од мисијата на овој проект, „Арс Ламина публикации“ ги поканува и студентите од сите факултети и од сите области да се вклучат во изработка на креативни визуелни решенија во областа на издаваштвото.

Заинтересираните студенти можат да аплицираат со едно или повеќе решенија за корици, за еден или повеќе романи од петте понудени. Информации за романите, авторите и воопшто за проектот, како и приказ на кориците на досега објавените книги во едицијата, можат да се најдат во останатите категории од оваа веб-страница.

Решенијата во .jpg или .png формат, заедно со кратка биографија на кандидатот, треба да бидат испратени на publishing@arslamina.com, со назнака „Конкурс за дизајн на корица“, најдоцна до 01 март 2016 година.

Резултатите од конкурсот ќе бидат објавени на 20 март 2016 година. Вкупниот награден фонд за победничките решенија изнесува 30.000 денари.

Правила за учество

Секој пријавен кандидат треба да е државјанин на Република Македонија, да биде студент и со поднесувањето на пријавата се смета дека ги прифаќа следниве услови за учество:

  • Арс Ламина има право да ги изложува на јавни настани креативните решенија поднесени од сите кандидати, со цел популаризирање на креативноста и на самиот проект. Арс Ламина се обврзува при изложувањето да го означи името на кандидатот кој го изработил решението. Кандидатот го задржува авторското право врз идејното решение.
  • Кандидатот чие креативно решение ќе биде наградено ги отстапува сите авторски права на Арс Ламина доколку Арс Ламина се одлучи да го објави како корица на некој од романите од едицијата, за што кандидатот и Арс Ламина ќе склучат договор.
  • Секој кандидат гарантира за оргиналноста на идејното/графичкото решение и ја презема целосната материјална и нематеријална одговорност за истото.
  • Еден кандидат може да поднесе едно или повеќе решенија, за еден или повеќе романи од петте понудени. Доколку повеќе кандидати го работат решението, еден од нив треба да биде назначен за носител на проектот.

Дизајнерска задача

  • Целосно изработено креативно решение – дизајн на корицата на еден или повеќе од понудените пет романи, по избор на кандидатот.
  • Решението треба да биде оригинално авторско дело на кандидатот.
  • Решението треба да биде изработено наменски за проектот и досега да не е користено за никаква друга намена.
  • Заедно со решението/решенијата, кандидатот треба да достави и своја кратка биографија.

Насоки за доставување на предлозите

  • Формат на романите: 145 х 205 mm
  • Креативно решение: .jpg или .png
  • Корицата треба да ги содржи логоата Арс Либрис, Литература.мк како и логото на едицијата „Прошетка низ Европа“, кои можат да се преземат тука.
  • Предложените креативни решенија се доставуваат електронски на publishing@arslamina.com, најдоцна до 01 март 2016 година.